Платформата за родови статистики е најновиот производ од плодната соработка помеѓу UN Women и Државниот завод за статистика на Северна Македонија, на која ѝ претходеше публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија – Статистички портрет на трендовите во родовата еднаквост” и изданието на редовната публикација на ДЗС – „Жените и мажите во Северна Македонија“ – објавено во 2023 година. UN Women го поддржува ДЗС во унапредување на работата со родовите индикатори и претставување на родови статистики во рамки на проектот Инструмент за родова еднаквост (Gender Equality Facility), кој го спроведува UN Women во партнерство со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Шведска.
Платформата е директно поврзана со базата на податоци на Државниот завод за статистика, МакСтат, и претставува алатка за интерактивен преглед на родово-сензитивни статистички индикатори кои се прикажани на графички начин кој е полесен за разбирање. МакСтат базата на податоци на ДЗС содржи посебен дел за родови статистики и има податоци поделени по пол во повеќе области на собирање и претставување податоци. За претставување на платформата се избрани некои од најрелевантните статистики.
Платформата е наменета за сите кои се заинтересирани во родови прашања, како што се претставници/чки на централната и локалната јавна администрација, невладини организации, претставници/чки од образованието, медиумите и општата јавност, за кои МакСтат базата на податоци може да биде потешка за навигација. Целта на оваа платформа е да го зголеми нивото на разбирање на статистичките индикатори преку примери на толкување на таквите индикатори и графичко претставување на податоците.
Платформата за родови статистики е управувана и ажурирана од страна на Државниот завод за статистика на Северна Македонија. Сите прашања во врска со платформата може да ги упатите до Државниот завод за статистика:
Даме Груев 4, 1000 Скопје
Тел.: + 389 2 3295 600;
Факс: + 389 2 3111 336; + 389 2 3136 197